Мешихатот на Исламската заедница во Словенија на 17 октомври со пригодна свеченост во Љубљана ќе ја одбележи 30-годишнината од самостојната работа и активност под слоганот „30 години заедништво засновано на стогодишно наследство“.

Почетокот на институционалната работа и активности на Исламската заедница во Република Словенија датира од Првата светска војна, кога во Лог под Мангарт е изградена првата џамија во оваа земја.

Мешихат е административно тело кое работело од 1975 до 1990 година како Мешихат на Исламската заедница (ИЗ) за Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, од 1990 до 1994 година како Мешихат на Исламската заедница за Хрватска и Словенија, а во 1994 година како Мешихатот на ИЗ во Словенија започнал самостојно да работи и да дејствува на територијата на Република Словенија како составен дел на исламската заедница во Босна и Херцеговина.

На свеченоста што ќе се одржи, на присутните гости ќе им се обрати д-р Наташа Пирц Мусар, претседател на Република Словенија, д-р Хусеин-еф. Кавазовиќ, реисул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина и м-р. Невзет-еф. Пориќ, муфтија на Љубљана и претседател на Џамијата на Исламската заедница во Република Словенија.

„Улогата на Исламската заедница во Словенија отсекогаш била интегративна и претставувала мост меѓу различните култури и традиции. Сведоци сме на работата за зајакнување на единството, соживотот и солидарноста меѓу сите граѓани на нашата земја преку градење на мостови на меѓусебно разбирање“, изјави за Агенцијата МИНА муфтијата Пориќ.

Тој ја оцени како особено добра соработката на Исламската заедница со државните институции и другите верски заедници во Словенија.
„Тоа е основата врз која градиме доверба и разбирање и заедно придонесуваме за општествениот напредок и за почитувана меѓуверска средина. Денес, по три децении од активностите на Мешихат, горди сме на сето постигнато, особено на Исламскиот културен центар во Љубљана, кој е симбол на нашата истрајност, верба и заеднички труд“, рече муфтијата Пориќ.

На свеченоста ќе бидат доделени награди на поранешните претседатели на Мешихат Мурис Хаџибашчаушевиќ, Ибрахим Малановиќ и главната награда на д-р Неџад Грабус.

Во рамките на празничната програма ќе настапат Хафиз Абас Јахја, Азиз Алили и Ахмед Алили, како и Нушка Драшчек, Зилхад Џанановиќ и Бернардо Бризани. Водители на програмата ќе бидат Бернарда Жарн и Тарик Филиповиќ.

Церемонијата ќе се одржи во Гранд Хотел Унион во Љубљана.

(Vijesti.ba / МИНА)