Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност изрази солидарност со Босна и Херцеговина, која во петокот беше погодена од катастрофални поплави и лизгање на земјиштето.
– Катастрофалните поплави во Босна и Херцеговина веќе предизвикаа неколку жртви, а многумина исчезнаа. ЕУ е солидарна со БиХ. ЕУФОР го поддржува одговорот за итни случаи. Подготвени сме да обезбедиме понатамошна помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ – рече Борел на платформата Х.
Механизмот има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите на ЕУ и 10 земји учеснички во цивилната заштита за да се подобри превенцијата, подготвеноста и одговорот на катастрофи.
Во итни случаи, секоја земја може да побара помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Комисијата игра клучна улога во координирањето на реакциите при катастрофи ширум светот, придонесувајќи со најмалку 75 проценти од транспортните и/или оперативните трошоци на распоредувањето.
Најмалку 18 лица загинаа во текот на ноќта и денот како последица на катастрофалните поплави и одрони во Босна и Херцеговина, а изрази на сочувство, солидарност и помош упатија повеќе земји.
Според последните информации од МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон (ХНК), на подрачјето на Јабланица загинале 16 лица.
Претходно беше соопштено дека во куќа во Фојница е убиена и постара жена. Исто така, во градот Гојевиќи кај Фојница, во текот на денот од еден од поплавените автомобили е извлечено машко тело.
За жал, бројот на жртви би можел да биде поголем, бидејќи се уште се трага по неколку десетици луѓе во северна Херцеговина, но и во централна Босна, посочија официјални лица.










