Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска ги предупреди земјите-членки на ОН дека Либан може да „стане уште една Газа“ во екот на ескалацијата на тензиите со Израел.

Истакнувајќи ја епската трансформација со која се соочува светот, Гутереш им се обрати на земјите-членки за време на отворањето на 79-то заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Нашиот свет е во немир. Ние сме во ера на епска трансформација, соочени со предизвици какви што не сме виделе, предизвици кои бараат глобални решенија“, рече Гутереш, додавајќи дека гео-политичките поделби продолжуваат да се продлабочуваат.

Привлекувајќи внимание на глобалното затоплување, шефот на ОН рече дека војните беснеат без индикации како ќе завршат.

Тој предупреди и за заканата од нуклеарно оружје.

„Се движиме кон незамисливото, буре барут што ризикува да го зафати светот“, рече Гутереш.

Гутереш го базираше својот говор на две клучни реалности, дека моменталната глобална ситуација е неодржлива и дека предизвиците со кои се соочува светот се решливи.

„Нивото на неказнивост во светот е политички неодбранливо и морално неподносливо“, нагласи тој, жалејќи што многу влади чувствуваат дека имаат право да ги игнорираат меѓународните закони, конвенциите за човекови права и резолуциите на ОН.

„Тие можат да нападнат друга земја, да опустошат цели општества или целосно да ја игнорираат благосостојбата на сопствениот народ. И ништо нема да се случи“, рече Гутереш, истакнувајќи дека неказнивоста може да се види на Блискиот Исток, Европа, Африка и пошироко.

Гутереш рече дека Газа е постојан кошмар кој се заканува да го земе целиот регион со себе.

Тој додаде дека сите земји треба да бидат загрижени поради ескалацијата меѓу Либан и Израел.

„Народот на Либан, народот на Израел и луѓето во светот не можат да си дозволат Либан да стане уште една Газа“, рече Гутереш.

Тој го осуди колективното казнување на Палестинците, повторувајќи го своето барање за итен прекин на огнот и спроведување на решението за две држави.

(Vijesti.ba)