Германија во понеделникот започна случајни проверки на своите граници со пет западноевропски земји во обид да ја спречи илегалната миграција, проширувајќи го веќе воспоставениот контролен систем на четири други граници.
Полициските проверки почнаа во понеделник наутро на границите со Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска и треба да продолжат шест месеци. Германија од минатата година врши проверки на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија.

Германија, членка на Европската унија, минатата недела објави дека ги проширува граничните контроли на сите девет нејзини копнени граници како дел од напорите за сузбивање на илегалната миграција и криминалот по неодамнешните екстремистички напади.

Германската лево-либерална коалициска влада е под зголемен притисок да ја спречи нерегуларната миграција по нападот со нож во западниот град Солинген минатиот месец, во кој загинаа три лица, а уште осум беа повредени.

Напаѓачот бил сириски барател на азил. Властите соопштија дека осомничениот дошол во Германија во 2022 година, но не се стекнал со право на статус на бегалец во таа земја. Минатата година тој требаше да биде депортиран во Бугарија, првата земја од ЕУ во која влезе. Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава (ИСИС).
Германија е главната дестинација за нерегуларните мигранти и барателите на азил кои пристигнуваат во Европската унија. Минатата година германските власти регистрирале 266.224 случаи на нелегален влез и престој. Многу од нерегуларните мигранти биле баратели на азил од Сирија и Авганистан.