Во писмото што Смит го објави на социјалната мрежа X по неговата оставка, се наведува дека „британското Министерство за надворешни работи е соучесник во воените злосторства“.

Тој изјави дека жали за оставката, но дека не може да работи во институција која соработува за воени злосторства.

Смит истакна дека претходно работел во единицата на министерството што се занимавала со дозволи за извоз на оружје на Блискиот Исток и Северна Африка.

Тврдејќи дека е експерт за оваа тема, Смит рече:

„Секој ден сме сведоци на воени злосторства и кршење на меѓународното хуманитарно право извршени од Израел во Газа. Водечките фигури на израелската влада и армија јасно ги покажуваат своите геноцидни намери“.

Смит во своето писмо наведува дека цивилните структури како што се универзитетите и домовите се уништени, хуманитарната помош е блокирана и дека нема безбедно место во Газа.

„Нападнати се амбулантни возила на Црвениот крст, училиштата и болниците редовно се мета. Тоа се воени злосторства“, истакна Смит.

Тој посочил дека изразил загриженост за продажбата на оружје на сите нивоа на министерството.

„Иако британската продажба на оружје на Израел не може да се оправда на кој било начин, продажбата на оружје некако продолжува“,изјавил Смит.

Тој ги критикуваше и изјавите на британските власти дека имаат најтранспарентен систем на извозни дозволи во светот во врска со продажбата на оружје.

„Вистината е спротивна. Како државен службеник кој изрази загриженост за оваа незаконитост во министерството, многу е вознемирувачки да се игнорира на ваков начин“, изјави тој.

Оставката на Смит ја поддржа и специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Франческа Албанезе, пишува N1.

„Се надевам дека повеќе дипломати ќе го следат храбриот пат на Марк Смит и ќе се изјаснат против оние кои ја овозможуваат израелската бруталност“, напиша Албанезе на профилот X.