Клучната реченица беше најмалку спектакуларниот момент во невидениот спектакл. „Ги прогласувам Игрите во Париз за отворени, во чест на 33-та Олимпијада на модерната ера“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во 22:53 часот во петокот вечерта (27 јули) на Трокадеро спроти Ајфеловата кула. Вкупно 320.000 гледачи на 124 трибини ја овозможија убедливо најголемата забава во историјата на Олимписките игри – и покрај континуираниот дожд.

Контрастот со претходната церемонија на отворање не можеше да биде поголем: на „Ковид Игрите“ во 2021 година во Токио, беа дозволени само 1.000 поканети гости, вклучително и само 15 шефови на држави или на влади. Овојпат, околу 120 шефови на држави или на влади, меѓу кои и Олаф Шолц присуствуваа на свеченото отворање. Не само германскиот канцелар беше воодушевен – како што напиша на платформата Х – од „уникатната церемонија на отворање“.

Огномет на креативност

Програмата, замислена од тимот на францускиот актер и театарски режисер Томас Жоли, беше огномет на креативност – почнувајќи со огномет во француските национални бои сино-бело-црвено на мостот Остерлиц. Таму започна парадата на бродови на реката Сена. На 85 бродови и чамци, тимови од вкупно 206 национални олимписки комитети, како и тим бегалци од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), пловеа по Сена.

Бродот на меѓународниот бегалски тим беше на второто место во дефилето на спортистите на Сена