Црногорската полиција ги зголеми безбедносните мерки против поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по информациите дека против него се подготвува атентат.

Ова беше објавено на 14 јули, откако ден претходно неколку медиуми во Црна Гора, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, објавија дека криминална група од регионот подготвувала атентат врз Ѓукановиќ и дека поранешниот претседател на Црна Гора бил информиран за ова од неименуван припадник на странски разузнавачки служби.

„Полициската управа добила соодветни информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Потенцираме дека кредибилитетот на информациите се уште се проверува од страна на АНБ. Веднаш по добивањето на информацијата, полицијата, обвинителството и АНБ преземаат дополнителни мерки и дејствија од нивна надлежност на синхронизиран начин“, се вели во соопштението на полицијата.

Оттаму наведуваат дека веднаш по добиената информација, надлежното обвинителство оформило предмет.

Претседателот на опозициската Демократска партија на социјалистите, Данијел Живковиќ е единствениот кој официјално објави дека таа партија „има детали за можната подготовка на атентатот на поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ“.

Повеќе на:РСЕ