Црквата Свети Филип порано била место за молитва за мала христијанска заедница во Газа, но по девет месеци израелски напади врз Појасот Газа кои го опустошија здравствениот систем на палестинската енклава, свештениците ја претворија црквата во болница.
Креветите се протегаат низ бледо камените ѕидови под засводен покрив додека лекарите остануваат без простор во болницата Ал-Ахли ал-Араби, управувана од англиканците, која, како и останатите преостанати медицински установи во Газа, е преоптоварена со голема побарувачка.
„Просторот определен за молитви е претворен во амбуланта поради немање слободни места. Денеска наш приоритет е да го спасиме животот на секој човек колку што можеме“, рече свештеникот Мунтер Исак, облечен во црна кошула и свештеничка јака.
„Немаше повеќе простор во одделенијата за примање пациенти, па бевме принудени да го реновираме ова место, кое е место за молитва за христијаните во Газа“, изјави д-р Мохамед ал Шеик.
„Поради недостаток на залихи користевме клупи како кревети за пациентите“, додаде тој.
Палестинските здравствени власти соопштија дека досега повеќе од 38.000 луѓе се убиени во израелските напади, а повеќе од 80.000 се повредени.
Високиот број на луѓе повредени во конфликтот придонесе за зголемениот број на болести и неухранетост кај 90 отсто од Газаните за кои ОН велат дека останале без покрив над главата, што претставува огромен притисок врз здравствениот систем на енклавата.
Сепак, израелската воена кампања стави надвор од работа многу болници и други здравствени установи, вели Светската здравствена организација, предизвикувајќи сериозен недостиг на основни медицински материјали.
„Во оваа црква, која повеќе не е место за богослужба, туку е претворена во установа за нега на пациенти, добиваме основни медицински услуги“, изјави за Ројтерс Абу Мохамед Абу Самра, кој ја придружуваше својата болна мајка на лекување во црквата.
„Тоа ја покажува солидарноста меѓу муслиманите и христијаните во северниот дел на Газа“, додаде тој.
Иако има значително палестинско христијанско население на Западниот Брег, христијанската заедница во Газа е многу мала.










