Францускиот суд во средата го потврди налогот за апсење на лидерот на сирискиот режим Башар ал Асад, обвинувајќи го за соучесништво во хемискиот напад во Источна Гута во 2013 година, јавува Анадолија.
Апелациониот суд во Париз го отфрли барањето на француското Национално обвинителство за антитероризам (ПНАТ) за укинување на наредбата, која тврди дека Асад има судски имунитет.
– Забраната за употреба на хемиско оружје е дел од меѓународното обичајно право како задолжително правило, а меѓународните злосторства не можат да се сметаат за дел од службените должности на шефот на државата, па налогот за апсење останува во сила – соопшти судот во изјава.
Предметот сега ќе биде вратен кај истражните судии, а обвинителството има рок од пет дена да поднесе жалба до Касациониот суд.

Во ноември 2023 година, беше издаден налог за апсење на Асад, под обвинение за соучество во злосторства против човештвото и воени злосторства поврзани со хемискиот напад во 2013 година.
Налог за апсење е издаден и по братот на Асад, Махер ал Асад, командант на четвртата дивизија на сириската армија и режимски генерал.
На 21 август 2013 година, сириската влада употреби хемиско оружје во Источна Гута, при што загинаа повеќе од 1.400 цивили. Во 2018 година, Источна Гута забележа најтешка блокада од страна на сириската влада и најраспространета употреба на оружје. Опозицијата беше принудена да се евакуира во април 2018 година според договорот со Дамаск и Русија.