Смртта на илјадници аџии за време на овогодинешниот хаџ предизвика бран шок и тага ширум светот.
Овој свет настан, кој требаше да биде момент на длабока духовна поврзаност и мир, се претвори во трагедија поради екстремните временски услови и, како што сега се открива, сериозни пропусти и измами во туристичкиот сектор.
Најголем број жртви доаѓаат од Египет, каде неодамна беа откриени неправилности во работата на туристичките агенции кои нелегално испраќаа аџии во Мека.
Египетските власти во саботата наредија одземање на лиценците на 16 туристички агенции поради „измама“ откако илегално испратиле аџии во Мека, Саудиска Арабија.
„Премиерот Мустафа Мадбули нареди да им се одземат лиценците на овие агенции, нивните менаџери да бидат испратени пред јавниот обвинител и да им бидат изречени парични казни во корист на семејствата на аџиите кои загинаа поради нив“, соопшти неговиот кабинет во соопштение за медиумите.
Повеќе од илјада аџии загинаа за време на хаџот, кој се одржа за време на интензивни горештини, според податоците на АФП објавени во четвртокот.
Најмногу смртни случаи се пријавени од Египет, 658. Индонезија објави повеќе од 200 мртви, а Индија соопшти дека 98 починале.
Пакистан, Малезија, Јордан, Иран, Сенегал, Тунис, Судан и ирачкиот автономен Курдистански регион исто така потврдија смртни случаи.
Кој е всушност одговорен за смртта на толку многу луѓе? Светот сега бара одговори, бара правда за изгубените животи и мерки за да не се повтори ваква трагедија.
Т.К









