Британската опозициска Лабуристичка партија, која е далеку напред во анкетите пред изборите на 4 јули, вети дека ќе ја признае палестинската држава како дел од обновениот мировен процес.
– Палестинската државност е неотуѓиво право на палестинскиот народ – се наведува во изборниот манифест на Лабуристичката партија што ќе го усвојат доколку ја формираат следната влада, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека тие се посветени на признавањето на палестинската држава како придонес кон обновениот мировен процес што резултира со решение за две држави со сигурен и заштитен Израел заедно со одржлива и суверена палестинска држава.
Сегашната влада предводена од конзервативците претходно изјави дека Британија може формално да ја признае палестинската држава пред крајот на мировниот процес и дека на Палестинците на Западниот Брег и Газа мора да им се даде „политичка перспектива за кредибилен пат кон палестинската држава и нова иднина“.
Во мај, Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава, што предизвика лута реакција од Израел, кој се најде се поизолиран по повеќе од седум месеци конфликт во Газа.









