Египет денес ја поздрави резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на ОН во понеделникот, со цел да се постигне сеопфатен договор за прекин на огнот за ставање крај на војната во Газа.
Во соопштението, Министерството за надворешни работи рече дека Египет го повторува својот повик до Израел да се придржува кон своите обврски според меѓународното право и да ја „запре војната што ја води против Појасот Газа“.
Египет, исто така, ги повикува Израел и Хамас да преземат сериозни чекори кон склучување договор за прекин на огнот што е можно поскоро и да започнат со спроведување на неговите одредби без одлагање или услови, додаде тој.
Во соопштението се нагласува важноста од сериозна акција од страна на меѓународните актери во обид да се спроведе решение со две држави, што е „единствената гаранција“ за ставање крај на кризата.
Во понеделникот вечерта, генералниот секретар на Лигата на арапските држави (АЛ) Ахмед Абул-Геит го поздрави усвојувањето на резолуцијата од страна на Советот за безбедност, во објава на платформата на социјалната мрежа Х.
– Израелската агресија мора веднаш да се запре – додаде лидерот на АЛ.
Советот за безбедност на ОН во понеделникот усвои резолуција со цел да се постигне сеопфатен трифазен договор за прекин на огнот за ставање крај на војната во Газа.
Донесена со огромно мнозинство од 14 гласа „за“, а Русија беше воздржана, резолуцијата исто така ги повика двете страни во конфликтот целосно да ги применат одредбите од предлогот „без одлагање и без услови“, објави Ксинхуа.









