Американскиот државен секретар Антони Блинкен најави нова американска помош од 404 милиони долари за Палестинците и ги повика другите земји да придонесат пари за да помогнат во решавањето на хуманитарната криза во Газа.
Помошта, објавена на конференцијата за итна помош во Јордан, го носи вкупниот придонес на САД за Палестинците — во Газа, Западниот Брег и регионот — на 674 милиони долари од избивањето на војната во октомври, според Стејт департментот.
Блинкен во оваа прилика рече дека апелот на ОН за Палестинците е финансиран само една третина, со недостиг од околу 2,3 милијарди долари.
„Некои изразија голема загриженост за страдањата на палестинскиот народ во Газа, вклучувајќи ги и земјите кои можат да дадат многу, но дадоа многу малку или воопшто ништо“, изјави Блинкен на конференцијата за итна помош во Јордан, веројатно мислејќи на Кина и Русија, пренесува Франс 24.
Тој рече дека е време сите да ја зголемат помошта, а оние кои веќе дале да дадат повеќе.
Блинкен не прецизираше како САД ќе ја достават помошта, но Вашингтон – најголемиот донатор на Палестинците – се фокусираше на Светската програма за храна и хуманитарните организации.










