Шпанија ќе се приклучи на тужбата што Јужна Африка ја поднесе против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МКС) според Конвенцијата за геноцид на ОН, изјави денеска шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Луис Албарес.
„Тоа е чекор за кој размислувавме многу недели“, изјави Албарес во обраќањето до медиумите во Мадрид, пренесува ХИНА.
„Се одлучивме за него поради продолжувањето на операцијата на израелската армија, како што со тага видовме во последните денови“, додаде тој.
Тој истакна дека по дополнителните напади врз палестинските бегалци во кампот во Рафах и воената операција на границата со Египет, конфликтот може да се префрли и во други земји на Блискиот Исток. Шпанија, рече тој, сака да се врати мирот во Појасот Газа и на Блискиот Исток.
„За да се случи тоа, мораме сите да го поддржиме судот, како што направи Шпанија денеска, со цел да се почитуваат мерките на претпазливост кои мора да бидат прифатени од сите страни“, рече Албарес.
Тој потсети дека Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да ја прекине воената операција, но дека земјата не ја почитува. На 24 мај, судот му нареди на Израел „веднаш да ја прекине“ операцијата во Рафах поради „ризикот од извршување геноцид“.
На тужбата на Јужна Африка поднесена во декември против Израел за геноцид во Појасот Газа, претходно се приклучија Ирска, Чиле и Мексико. Албарес рече дека за тоа размислуваат и други земји.
Денеска десетици луѓе загинаа во израелско бомбардирање на училиште со кое раководи агенцијата на ОН за палестински бегалци УНРВА, објавија палестински извори под контрола на Хамас.
(Vijesti.ba)










