Саудиска Арабија соопшти дека аџиите може да очекуваат просечна многу висока температура од 44 Целзиусови степени за време на хаџот, во кој минатата година беа забележани илјадници случаи на топлотен удар, пренесува АФП.
– Очекуваните временски услови за време на хаџот годинава ќе бидат зголемени просечни температури за еден и пол до два степени над просекот во Мека и Медина – изјави на прес-конференција шефот на националниот метеоролошки центар Ајман Гулам.
Прогнозата укажува на „релативна влажност од 25 проценти, стапки на дожд блиску до нула, а просечната максимална температура ќе биде 44 степени“.
Хаџот, кој започнува на 14 јуни, е еден од петте столбови на исламот и мора да го извршуваат барем еднаш во животот сите муслимани кои можат да си го дозволат.
Тоа вклучува серија ритуали завршени во текот на четири дена во и околу Мека во западниот дел на Саудиска Арабија богат со нафта.
Минатата година, според официјалните податоци, на хаџот учествувале повеќе од 1,8 милиони муслимани.
Повеќе од 2.000 луѓе претрпеа топлотен удар, според саудиските власти, откако температурите се искачија до 48 степени Целзиусови.
Сепак, вистинскиот број на случаи на топлотен удар – кој вклучува топлотен стрес, исцрпеност, грчеви и осип – веројатно бил многу поголем, бидејќи многу заболени не биле примени во болници или клиники.
Најмалку 240 луѓе, многумина од Индонезија, загинаа за време на аџилакот, според бројките објавени од различни земји кои не ги прецизираа причините за смртта.
Саудиска Арабија не даде статистички податоци за смртните случаи.
Официјални лица во кралството преземаат чекори за да се обидат да ги ублажат ефектите од топлината, вклучително и обезбедување климатизирани шатори и системи за воздушно ладење.









