Поранешниот ирански претседател Махмуд Ахмадинеџад, кој беше шеф на државата од 2005 до 2013 година, официјално ја поднесе својата кандидатура за претстојните претседателски избори закажани за 28 јуни.

Аналитичарите велат дека Ахмадинеџад би можел да биде еден од најсилните кандидати доколку неговата кандидатура биде одобрена.

Медиумите тврдат дека Ахмединеџад се повлекол на планина каде што чувал овци по завршувањето на неговиот претседателски мандат.

Иран во четвртокот го отвори процесот на регистрација за кандидатите кои се надеваат да се кандидираат на претседателските избори на 28 јуни за да го заменат Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај, објави државната новинска агенција ИРНА.

Министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди рече дека по петдневниот период на регистрација ќе следи неделно разгледување на апликациите. Сите кандидати мора да бидат одобрени од 12-члениот совет, кој ги надгледува изборите и законодавството.

Претседателските избори првично беа закажани за 2025 година, но датумот беше променет по смртта на Раиси на 19 мај. Тој победи на претседателските избори во 2021 година.

Во несреќата загинаа и министерот за надворешни работи на Иран Хосеин Амир-Абдолахиан, Малик Рахмети, гувернер на провинцијата Источен Азербејџан, како и имамот ајатолахот Али Хашим од провинцијата Табриз.