Откако Владата на Словенија во четвртокот предложи признавање на државата Палестина, покрај знамето на Словенија и на Европската унија (ЕУ) на зградата на таа институција беше истакнато и палестинското знаме.

Владата на Словенија на вчерашната седница донесе одлука да му предложи на Државното собрание (Народното собрание) признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато палестинското знаме.
Премиерот Роберт Голоб по седницата на Владата изјави дека донеле одлука за признавање на Палестина како независна и суверена држава во границите предвидени со Резолуцијата на Обединетите нации од 1967 година или во границите за кои инволвираните страни ќе се договорат во идниот мировен договор.


– Оваа одлука има една порака. Порака до двете страни дека сакаме итен прекин на непријателствата и дека сакаме итно ослободување на заложниците. Ова признание не е насочено против никого, дури ни против државата Израел. Ова е порака за мир. Сметаме дека денес е моментот кога сите ние, целиот свет, мора да дејствуваме само во една насока, во насока која носи траен мир на Блискиот Исток, во насока на решение со две држави – рече Голоб и додаде:

– Очекувам дека во наредните месеци западните земји ќе го признаат правото на палестинската нација да постои, а арапските земји ќе го признаат правото на Израел. Единствениот пат до мир е признавањето на двете земји. Се надевам дека денешната акција на словенечката влада ќе биде пример за сите.
Се очекува пратениците на Националното собрание да одлучуваат за предлогот на Владата на Словенија за признавање на Палестина на вонредна седница во вторник следната недела.

Владата на Словенија на 9 мај веќе покрена процедури за признавање на државата Палестина. Потоа најави дека одлуката ќе ја испрати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни.
Во вторникот Шпанија, Ирска и Норвешка ја признаа Палестина. Притоа, тие се приклучија на групата од 140 земји кои ја признаа палестинската држава, што го налути Израел.