Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го осуди Израел за најновите напади врз кампот Рафах, во кој се сместени раселените луѓе во безбедна зона.
– Нападот на Рафах во неделата, кој уследи по одлуката на Меѓународниот суд на правдата, ја разоткри подмолната и крвава природа на терористичката држава – изјави Ердоган во Истанбул.
Турскиот претседател го осуди и израелскиот премиер, велејќи дека „Нетанјаху и неговата банда убијци се обидуваат да го продолжат својот политички живот со масакрирање на невини луѓе, бидејќи не можат да го скршат палестинскиот отпор“.
– Нетанјаху нема да може да се ослободи од проклетството за убивање невини, ниту (Адолф оп.а.) Хитлер, (Слободан) Милошевиќ, (Радован) Караџиќ, кои ги имитира – рече Ердгоан.
Ердоган, исто така, истакна дека Турција ќе стори „се што е во нејзина моќ за да се погрижи овие (израелски оп.а.) варвари да бидат изведени пред лицето на правдата за злосторствата што ги извршиле“.
Најмалку 35 лица загинаа, а десетици беа повредени во неделата вечерта во израелски напад врз камп во кој се сместени раселените лица во безбедната зона во Рафах.
Нападот се случил во близина на логистичката база на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во Тал ал Султан, соопшти канцеларијата за медиуми во Газа.
Израелските авиони гаѓаа неколку шатори во областа, соопшти прес-службата, додавајќи дека биле користени ракети и бомби.
Претходно, Цивилната заштита на Газа соопшти дека по бомбардирањето превезле 50 лица, меѓу кои загинале и повредени. Наведената област обезбедува засолниште за најмалку 100.000 раселени лица, се наведува.










