Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во говорот пред парламентот призна „трагична грешка“ по израелскиот напад во неделата, во кој загинаа десетици луѓе во градот Рафах во јужна Газа.

Откако властите во Газа објавија 45 мртви во израелски напад на камп за раселени Палестинци во близина на Рафах, Нетанјаху изјави дека Израел го истражува нападот.

– Евакуиравме милион неинволвирани жители во Рафа, и покрај нашите напори, вчера (недела) се случи трагичен инцидент – рече Нетанјаху, додавајќи дека „го истражуваат случајот и ќе извлечат заклучоци“, пренесува Би-би-си.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изрази бес поради смртоносните израелски напади врз шаторскиот камп за раселените Палестинци во Рафах и повика на „итен прекин на огнот“ во Газа.

– Овие операции мора да престанат. Нема безбедни области за палестинските цивили во Рафах – рече Макрон на X.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) со која се наложува Израел да ја прекине офанзивата врз Рафах во Газа, мора да се спроведе.

– Ужаснат сум од веста која доаѓа од Рафах за израелските напади во кои загинаа десетици раселени луѓе, меѓу кои и мали деца. Ова најостро го осудувам – напиша Борел на својот X профил на социјалните мрежи.

Соединетите Американски Држави го повикаа Израел да ги преземе сите мерки на претпазливост за заштита на цивилите по „уништувачките слики“ од воениот напад во Рафах во кој загинаа десетици Палестинци.

– Израел има право да го нападне Хамас и разбираме дека во овој напад загинаа двајца високи терористи на Хамас кои се одговорни за нападите врз израелските цивили – изјави портпаролот на Советот за национална безбедност.

– Но, како што бевме јасни, Израел мора да ги преземе сите можни мерки на претпазливост за да ги заштити цивилите – додал тој.

– Активно ги вклучуваме ИД и партнерите на терен за да проценат што се случи и разбираме дека ИД спроведува истрага – наведе тој.

Јеменските Хути поддржани од Иран денеска соопштија дека извршиле напади врз три брода во Индискиот Океан и Црвеното Море и два американски разурнувачи во Црвеното Море. Групата ги опишува своите напади како акти на солидарност со Палестинците во израелската војна во Газа.

Израел денеска соопшти дека му рекол на шпанскиот конзулат во Ерусалим да престане да нуди конзуларни услуги за Палестинците од 1 јуни, како „казнена“ мерка за признавањето на палестинската држава од страна на Мадрид.

Најмалку 35.984 Палестинци се убиени, а 80.643 се ранети во израелската војна во Газа, според Министерството за здравство на територијата што ја контролира Хамас.

Во нападите предводени од Хамас на 7 октомври загинаа околу 1.170 луѓе, а според израелските податоци заробени се 250 лица, додека 132 се уште се водат како исчезнати.

(Vijesti.ba / Фена)