Температурата надмина 52 степени Целзиусови во јужната пакистанска провинција Синд, што е највисока вредност оваа година и блиску до рекордот во земјата.

Во градот Мохенџо Даро, познат по своите археолошки локалитети кои датираат од околу 2500 година п.н.е., температурата во последните 24 часа се искачи на 52,2 степени.

Рекордна измерена температура во овој град е 53,5 степени, а на ниво на Пакистан е 54 Целзиусови степени.

Мохенџо Даро е мал град кој има исклучително топли лета и благи зими, како и малку врнежи.

Пекари, чајџилници, машински продавници, работилници за поправка на електроника и продавници за овошје и зеленчук обично се полни со клиенти, но за време на топлотниот бран тие се речиси празни.

Екстремните температури низ Азија во изминатиот месец најверојатно се резултат на климатските промени предизвикани од човекот, објави претходно тим меѓународни научници.