Американскиот претседател Џо Бајден силно го бранеше Израел во понеделникот, велејќи дека израелските сили не извршиле геноцид во воената кампања против милитантите на Хамас во Газа и ги отфрли критиките од пропалестинските демонстранти.
„Она што се случува во Газа не е геноцид. Ние го отфрламе тоа“, рече Бајден во Белата куќа на настанот за месецот на еврејско-американското наследство.
На многу настани низ земјата, Бајден се соочи со протести од пропалестински застапници кои го нарекоа „Џо на геноцидот“ поради неговата цврста поддршка за Израел.
Говорејќи на настан во Белата куќа, Бајден го истакна своето верување дека Израел е жртва од нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври во јужен Израел, кога тие убија 1.200 луѓе и зедоа стотици заложници.
Тој исто така нагласи дека американската поддршка за безбедноста на Израелците е „непоколеблива“. „Ние стоиме со Израел за да го уништиме (лидерот на Хамас Јахја) Синвар и другите касапи на Хамас. Сакаме Хамас да биде поразен. Работиме со Израел за да го оствариме тоа“, рече тој.
Тој, исто така, ја отфрли изјавата на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, кој побара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства.
Обвинителот на МКС во понеделникот, исто така, рече дека побарал налози за апсење на шефот на Хамас Синвар и двајца други водачи на Хамас.
Бајден се соочи со зголемен политички притисок од неговата партија во последниве месеци поради неговото справување со конфликтот во Газа, бидејќи бројот на палестински загинати се искачи на повеќе од 35.000, според Министерството за здравство на Газа, а израелската опсада создаде ужасни хуманитарни услови во Газа. .
(ТБТ)










