Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави во вторникот дека нападите врз конвоите со помош во храна за Газа се „ужасни“, повикувајќи го Израел да ги повика „екстремистите“ на одговорност, пренесе Анадолија.
– Нападите на екстремистите врз хуманитарните конвои на пат кон Газа се страшни – изјави Дејвид Камерон на социјалната мрежа Икс, нагласувајќи дека жителите на Газа се во опасност од глад и дека очајно им требаат залихи.

Видео кое кружи на социјалните мрежи во понеделник покажува како илегални израелски доселеници блокираат возила и фрлаат кутии со храна на контролниот пункт Таркумија, западно од Хеброн на Западниот Брег, окупиран од Израел.

Подоцна камионите за превоз на храна биле запалени

– Израел мора да ги повика напаѓачите на одговорност и да направи повеќе за да пружи помош, ќе ја изразам мојата загриженост на израелската влада – додаде Камерон.
Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничен напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври, од кога според палестинските здравствени власти најмалку 35.180 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а повеќе од 79.000 се повредени.
Повеќе од седум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Појасот Газа се претворија во урнатини, додека 85 отсто од населението на енклавата е внатрешно раселено.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му наложи на Тел Авив да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за обезбедување хуманитарна помош за цивилите во Газа.