Европската унија, ОН и многу земји ширум светот, вклучително и Кина, го осудија израелскиот напад врз Иран во петокот, повикувајќи на воздржаност и деескалација.

Европската унија ги повикува страните на Блискиот Исток „да се воздржат од каква било нова акција“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од каква било нова акција“, рече Фон дер Лајен за време на посетата на Финска, пренесува Ројтерс.

Италија, Франција и Велика Британија

„Последниот израелски напад врз Иран е ново кршење на забраната за употреба на воена сила според меѓународното право и Повелбата на ОН и закана за човековото право на живот“, изјави специјалниот известувач на ОН за човекови права и борба против тероризам, Бен Саул.

На деескалација повика и шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани, кој претседава со состанокот на колегите од групата Г7 во Капри, како и Париз и Лондон. „Ги повикуваме сите да бидат претпазливи и да избегнуваат ескалација. Групата Г7 сака апсолутна деескалација во регион каде што има голема тензија“, изјави тој за РАИ.

„Позицијата на Франција е да ги повика сите партнери во регионот на деескалација и воздржаност“, изјави францускиот министер за Европа Жан-Ноел Баро за француското радио „Суд“. „Секако дека е малку рано за мене да можам да коментирам за она што се случи оваа ноќ“, додаде тој, прецизирајќи дека претседателот Емануел Макрон ќе и се обрати на јавноста „кога ќе биде вистинското време“. „Пораката е деескалација и воздржаност“, нагласи тој, додавајќи дека треба да ги чекаат сите информации пред да можат да ги проценат новите настани.

Британскиот министер Мел Страјд рече дека Обединетото Кралство го признава правото на Израел на самоодбрана, но исто така бара од својот сојузник „да работи напорно на деескалација“. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон разговара за развојот на настаните со неговите колеги од Г7 кои се собраа во Италија, изјави Страјд.

Актуелниот состанок на министрите на Г7 во Италија, каде тема е и израелскиот напад, Фото: AP Photo/Gregorio Borgia
Актуелниот состанок на министрите на Г7 во Италија, каде тема е и израелскиот напад, Фото: AP Photo/Gregorio Borgia

Кремљ и Пекинг против ескалација, сакаат „конструктивна улога“

Кремљ повика и на воздржаност, а Кина соопшти дека е „против“ на каква било акција што може да предизвика „ескалација“.

„Кина ги зеде предвид медиумските информации. Се спротивставува на секоја акција што може да предизвика ескалација на тензиите“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан, пренесе Ксинхуа. На прашањето дали Пекинг има намера да работи на намалување на тензиите, тој рече дека Кина „ќе продолжи да игра конструктивна улога во целта за деескалација“.

„Јапонија е длабоко загрижена за ситуацијата на Блискиот Исток и силно ги осудува сите дејствија што водат до ескалација на ситуацијата“, изјави главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши. Јапонија ќе продолжи да ги прави сите дипломатски напори за да спречи влошување на ситуацијата, додаде тој.

Египет и Оман

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека е длабоко загрижено поради ескалацијата на непријателствата меѓу Израел и Иран. Египет предупреди и на последиците од ширењето на конфликтот и нестабилноста во регионот.

Оман, земја од Заливот која долго време беше посредник меѓу Техеран и Западот, го осуди „израелскиот напад“ врз Иран. Султанатот на Оман „го осудува утринава израелскиот напад врз Исфахан, во Исламската Република Иран, како и повторените израелски воени агресии во регионот, се вели во соопштението потпишано од портпаролот на оманското Министерство за надворешни работи објавено на X платформа.