Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека претстојните локални избори на 31 март ќе бидат негови последни на таа функција, пренесува Anadolu.
„За мене ова е финале. Со овластувањата дадени со законот, овие избори се мои последни избори, но резултатот што ќе произлезе од нив ќе биде трансфер на довербата за моите браќа кои ќе дојдат по мене“, рече Ердоган во Истанбул на средба со претставниците на Турската младинска фондација (ТУГВА).
Потенцирајќи дека 31 март е многу важен и дека е своевиден пресврт, Ердоган рече дека очите на целиот исламски свет ќе бидат насочени кон Турција.
„Иако ова не се општи, туку локални избори. Сите ќе чекаат да видат каков резултат ќе има АК Партијата на овие избори. Затоа верувам дека нашата борба има многу силна младост и дека ќе им дадеме соодветен одговор на оние кои сакаат поинаку“, рече Ердоган.
Изразувајќи надеж дека на 1 април ќе започне нова ера за Турција, Ердоган истакна дека има доверба во младите.










