Американскиот претседател Џо Бајден за време на својот говор минатата недела го помеша францускиот претседател Емануел Макрон со Франсоа Митеран, поранешниот претседател на Франција кој почина во 1996 година, пишува Индипендент.

Конфузијата се случи за време на предизборниот митинг во Лас Вегас, каде Бајден кажа анегдота за состанокот со лидерите на Г7 во јуни 2021 година.

81-годишниот претседател раскажа како на состанокот во Корнвол изјавил дека „Америка се вратила“, што предизвика одговор на „Митеран од Германија“, пред да го поправи на „од Франција“.

Тој додаде дека разговорот потоа се свртел кон нападот на американскиот Капитол на 6 јануари, при што тогашната германска канцеларка Ангела Меркел го спореди со хипотетички напад на парламентот во Британија.

– Никогаш не размислував за тоа од таа перспектива. Што би рекле ако ова се случеше во некоја друга демократија низ светот – рече тој.

Гафот на Бајден беше коригиран во официјален транскрипт на Белата куќа, кој ги објави неговите забелешки со пречкртано име „Митеран“ и заменето со „Макрон“.

Бајден се сретна со Митеран во јануари 1988 година за време на состанокот на Комитетот за европски прашања, седум години откако тој стана француски претседател во 1981 година.

Митеран беше претседател до 1995 година, а почина една година подоцна на 79-годишна возраст.

Гафот на претседателот Бајден е последен во растечката листа за време на неговите говори од висок профил – до таа мера што тој самиот се нарече „машина за гафови“, пишува The Independent.

iFaktor/Independent