Поранешниот пакистански премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Кан осудени се на седум години затвор и парична казна во саботат од страна на судот кој одлучи дека нивниот брак во 2018 година е незаконски, објави неговата партија.

Ова е трета неповолна пресуда за поранешниот премиер оваа недела пред националните избори во четврток, на кои му е забрането да учествува.

Затворениот Кан (71) во последните денови беше осуден на 10 години затвор за оддавање државни тајни и 14 години заедно со неговата сопруга за незаконска продажба на владини подароци.

И двајцата се казнети со по 500.000 рупии (1.800 долари), објави ARY News.

Бушра е обвинета дека не го завршила периодот на чекање пропишан според исламот, наречен „Идаат“, откако се разведе од претходниот сопруг и се омажи за Кан.

Канови го потпишаа својот брачен договор, наречен „Ника“, во јануари 2018 година на тајна церемонија седум месеци пред харизматичната поранешна суперѕвезда на крикетот за прв пат да стане премиер.

Имало полемики околу тоа дали се венчале пред крајот на тој период. Откако првично го негирале бракот во јануари, партијата на Кан, пакистанската Техрик-е-Инсаф (ПТИ), го потврди тоа неколку недели подоцна.

Канови негираат било каква вина.

Кан е во затвор во гарнизонскиот град Равалпинди, додека на неговата сопруга и е дозволено да ја отслужи казната во нивната вила на врвот на ридот во Исламабад.

Тој веќе се соочува со 10-годишна дисквалификација од вршење јавна функција. Засега не е јасно дали казните мора да се издржуваат истовремено или последователно.

(ТБТ)