Европската комисија (ЕК) денеска објави дека ќе го разгледа понатамошното финансирање на агенцијата на ОН за поддршка на палестинските бегалци (УНРВА), чии членови се обвинети за учество во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.

Европската комисија ќе го разгледа идното финансирање на УНРВА во светло на многу сериозните обвинувања изнесени на 24-ти јануари во врска со вмешаноста на персоналот на УНРВА во нападите на 7-ми октомври, се вели во соопштението.

Одлуките за дополнително финансирање ќе зависат од резултатите од истрагата објавени од Обединетите нации.

Европската комисија наведува дека не е закажана нова исплата до крајот на февруари и дека ќе продолжи да обезбедува хуманитарна помош за Палестинците во Газа и Западниот Брег преку други партнерски агенции.

Во петокот, израелските власти ја обвинија УНРВА за наводно учество во нападот на Хамас врз Израел во октомври минатата година.

После тоа УНРВА објави дека разрешила неколку функционери и најави истрага. Поради тие обвинувања, неколку земји-членки на ЕУ привремено го прекинаа финансирањето на агенцијата на ОН.

Извештајот на израелското разузнавање, кој доведе до тоа голем број земји да го стопираат финансирањето на палестинската агенција за помош на ОН, вклучува наводи дека некои вработени учествувале во киднапирања и убиства за време на нападот на 7 октомври што и претходеше на војната во Газа.

Во документот од шест страници, кој го видел Ројтерс, се тврди дека околу 190 вработени во УНРВА, вклучително и наставници, биле активни и како членови на Хамас или Исламски џихад. Наведени се имињата и сликите на 11 лица.

Палестинците го обвинија Израел за фалсификување информации за да ја оцрни УНРВА, која тврди дека отпуштила дел од персоналот и ги истражува тврдењата.

Едно од тие единаесет лица е училишен советник кој во израелски документ е обвинет дека му помагал на својот син во киднапирањето жена за време на инфилтрацијата на Хамас, во која Израел вели дека биле убиени 1.200 луѓе, а 253 киднапирани.

Друго лице, работник на УНРВА, е обвинето за неодредена вмешаност во пренесувањето на телото на убиениот израелски војник во Газа, координирање на движењето на товарните возила што ги користеле напаѓачите и снабдување со оружје.

Третиот Палестинец во досието е обвинет за учество во рацијата на израелското село Беери на границата, каде што беше убиена десетина од вкупното население на селото.

Четврто лице е обвинето за учество во нападот на Реим, каде беше запленета воена база и се одржа забава на која беа убиени повеќе од 360 присутни.

Досието беше прикажано на Ројтерс од извор кој не можеше да биде идентификуван по име или националност. Изворот тврди дека бил составен од израелското разузнавање и споделен со САД, кои во петокот го суспендираа финансирањето на УНРВА.

На прашањето за досието, претставник на УНРВА рече дека не може да коментира поради тековната истрага на Обединетите нации.

Повеќе од десет земји, вклучително и големите донатори, како што се Соединетите Американски Држави и Германија, го суспендираа финансирањето на гореспоменатата агенција.

(Vijesti.ba / Фена)