Турција ќе вложи максимални напори Израел да добие соодветна казна за злосторствата врз Палестинците, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во телефонски разговор со неговиот јужноафрикански колега Кирил Рамафоса, се вели во соопштението на турската Дирекција за комуникации.

Ердоган изрази задоволство од тужбата на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), обвинувајќи го за геноцид врз Палестинците во воената кампања во Газа по прекуграничната офанзива на Хамас на 7 октомври.

– Турција ќе вложи максимални напори овој оправдан случај да се заврши во согласност со меѓународното право и човековите права и да се погрижи Израел, кој врши злосторство против човештвото, да добие соодветна казна – рече Ердоган.

Лидерите разговараа и за билатералните односи, како и за регионални и глобални прашања.

Јоханесбург побара од МСП да донесе одлука за привремени мерки, вклучително и Израел веднаш да ги прекине воените операции во Газа, да преземе разумни мерки за да спречи геноцид врз Палестинците, да обезбеди раселените да се вратат дома и да имаат пристап до хуманитарна помош.