ЕУ ги повикува земјите-членки на блокот да утврдат „последици“ за Израел во случај израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да продолжи да се спротивставува на мировниот план кој предвидува создавање на палестинска држава, пишува „Фајненшл тајмс“.
Заканата од Брисел ја нагласува зголемената нелагодност кај многу западни сојузници на Израел поради непопустливоста на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Ова прашање ќе биде разгледано на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска, бидејќи бројот на цивилни жртви во израелската војна на Појасот Газа расте, што ја поттикнува нестабилноста на Блискиот Исток.
Како што потсетува изданието, ЕУ се залага за таканареченото решение за две држави, кое предвидува создавање палестинска држава и меѓусебно признавање на суверенитетот.
Сепак, во текот на викендот, Нетанјаху повтори дека Израел мора да ја задржи „безбедносната контрола на целата територија западно од реката Јордан“, што значи опколениот Појас Газа и окупираниот Западен Брег.
Тој го потврди овој став по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден, кој претходно изјави дека Нетанјаху можеби е подготвен на компромис.








