Саудиска Арабија и Катар остро ги осудија изјавите на двајца израелски министри кои ги повикаа Палестинците да го напуштат Појасот Газа.

Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир во понеделникот повика на враќање на еврејските доселеници во Појасот Газа по војната и „охрабрување“ на палестинското население да емигрира, еден ден по сличниот повик на десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич.

Саудиска Арабија „ги осудува и категорично ги отфрла изјавите на двајцата министри“, се вели во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи. Ја повика меѓународната заедница да реагира поради „упорноста“ на израелската влада да ги прекрши меѓународните закони „преку изјави и акции“.

Катар, кој имаше улога на посредник во примирјето меѓу Израел и Хамас кон крајот на ноември, исто така „најостро ги осуди“ изјавите на двајцата министри.

– Политиката на колективно казнување и присилна преселба што ја спроведуваат окупаторските власти врз жителите на Газа нема да го промени фактот дека Газа е палестинска земја и ќе остане палестинска, се вели во соопштението објавено од МНР.

Соединетите држави, Франција и ЕУ, исто така, веќе ги осудија изјавите на израелските министри.

(Vijesti.ba/HINA)