Десет лица загинаа, а 59 се повредени во тешка сообраќајна несреќа во која учествуваа седум возила на делницата Сакарија на автопатот Северен Мармара во Турција.

Седум возила, меѓу кои три автобуси и еден камион, учествуваа во верижен судир на делот Сакарија на автопатот Северен Мармара во правец кон Истанбул.

На местото на несреќата пристигнале бројни медицински екипи, противпожарни бригади и припадници на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Поради несреќата сообраќајот во правец на Истанбул е во прекин. Екипите почнаа да ги отстрануваат возилата од автопатот во област каде имаше густа магла. Сообраќајот е пренасочен кон автопатот Анадолија, но сообраќајот се одвива нормално на автопатот Северен Мармара во правец кон Анкара.

Министерот за правда Јилмаз Тунч изјави дека е покрената истрага за тешката сообраќајна несреќа.

Гувернерот на Сакарија, Јасар Карадениз, го посети местото на несреќата и во изјава за новинарите изјави дека во верижниот судир учествувале седум возила.

– Се проценува дека до несреќата дошло кога автомобилот удрил во камион. Потоа него го удриле други возила – изјави Карадениз.