Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес пристигна во Будимпешта, придружуван од голема делегација, во втора посета на таа европска земја во последните четири месеци.
Тој беше пречекан од Каталин Новак, а подоцна се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Новак и Ердоган се приклучија на церемонијата за пречек на плоштадот на хероите во Будимпешта пред да тргнат на нивната средба
на билатералните разговори со Орбан.
Како што соопшти турското претседателство, тие разговарале за актуелните „регионални и глобални прашања“ и „чекорите што треба да се преземат за продлабочување на билатералната соработка“. Енергетската безбедност и членството на Шведска во НАТО, исто така, се очекува да бидат на дневен ред во понеделник, а Унгарија и Турција се единствените противници во алијансата кои допрва треба да ја ратификуваат кандидатурата на нордиската земја. Унгарија сè уште не гласаше да го одобри влезот на Шведска во НАТО, усогласувајќи се со Турција, која долго време го блокираше членството на Стокхолм и го одложува процесот дури и откако Ердоган го укина ветото во јуни.
Посетата на Ердоган се совпаѓа со 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Подоцна во понеделник, двајцата водачи ќе копретседаваат со состанокот на високо ниво на Турско-унгарскиот совет за стратешка соработка. Предвидено е и потпишување на 16 билатерални договори со Орбан.
Ердоган на аеродромот беше пречекан од унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто при излегувањето од авионот, придружуван од првата дама Емина Ердоган.
(Vijesti.ba)










