По пленарната седница на албанскиот парламент дошло до жесток судир меѓу членовите на Демократската партија и безбедносните сили, јавува Еуроњуз на албански јазик.

На почетокот на седницата пратениците со столчиња го блокираа преминот на претседателката на Собранието Линдита Никола, а подоцна камерите го снимија пратеникот на Демократската партија Фљамур Нока како се обидува да го запали парламентот, додека тој беше забележан како палел чаршафи и ги става под куп столчиња.

Никола го исклучи пратеникот на Демократската партија и ја затвори пленарната седница на која пратениците зборуваа за проблемите на гласачите.

Euronews на албански јазик додава дека на видеото се гледа дека пожарот е изгаснат благодарение на интервенцијата на обезбедувањето.

Поранешниот премиер Сали Бериша истакна дека сето тоа се „облици на граѓанска непослушност“.

Тој нагласи и дека опозицијата ќе ја продолжи борбата за формирање собраниски комисии, што според него е неспорно уставно право.

„Денешната граѓанска непослушност е успех на пратениците од опозицијата. Видовте како го опколија парламентот, иако на вратата беа поставени 15 стражари, но ништо не ја спречи акцијата. Тие беа принудени да функционираат како парламент во пештера“, рече Бериша. .

Тој додаде дека „креативноста во одбраната на парламентаризмот нема граници“.

Пред две недели се случи уште еден инцидент во албанскиот парламент, кога седницата на парламентарното собрание заврши пет минути по нејзиното започнување, бидејќи пратениците од опозицијата запалија димни бомби.