Градскиот совет на Барселона во петокот усвои декларација за прекин на односите со Израел додека не се постигне траен прекин на огнот во Газа и додека земјата „ги почитува основните права на палестинскиот народ“.
Ова не е првпат Барселона да ги прекине односите со Израел. Во февруари 2023 година, тогашната градоначалничка Ада Колау ги суспендираше односите на градот со Израел и договорот за збратимување со Тел Авив.
Сепак, за време на изборите ова лето, Колау ја загуби градоначалничката позиција од кандидатот на социјалистите Жауме Колбони, кој во септември ги обнови дипломатските врски со Израел и договорот со Тел Авив.
Декларацијата во петокот беше дадена од екстремно левичарската партија на Колау, Барселона ен Комун, и беше поддржана од Социјалистичката партија на Колбони, како и од левичарската сепаратистичка партија ЕРЦ.
Декларацијата ги осудува сите напади врз цивилното население, и од Хамас и од Израел, како и „секаква колективна казна, принудно раселување, систематско уништување на домови и цивилна инфраструктура, како и блокада на електрична енергија, вода, храна и медицински материјали за населението на Појасот Газа“.
Како што се наведува, главните пречки за траен мир се „окупацијата и колонизацијата на палестинските територии“ и „негирањето на правата“ на народот.
Други високи политичари, вклучително и поранешниот министер и актуелен пратеник Јоне Беларо, ја повикаа Шпанија да ги прекине врските со владата на Бенјамин Нетанјаху.
Но, тоа не е став на Владата. Напротив, шпанскиот премиер Педро Санчез во четвртокот отпатува за Израел и Палестина за да се сретне со тамошните колеги.
Таму тој го критикуваше одговорот на Израел на нападите на Хамас на 7 октомври, нарекувајќи ја ситуацијата во Газа „хуманитарна катастрофа“, повикувајќи го Израел „по секоја цена да ги почитува животите на цивилите“ и велејќи дека билансот на цивилни жртви е неприфатлив.










