Судирите меѓу израелската армија и Хезболах продолжија и денеска. Хезболах, група поддржана од Иран, која е многу посилна од Хамас, истрела ракети и лансираше беспилотни летала кон северен Израел, предизвикувајќи голема штета на воената база во еден од нападите, објави The Times of Israel. Видете колкава е штетата по нападот во видеото на дното на статијата.

Хезболах истрела повеќе од 1.000 ракети, минофрлачи, проектили и беспилотни летала врз Израел од 8 октомври, ден по избувнувањето на војната во Газа, според израелскиот министер за одбрана Јоав Галант. Судирите во понеделникот започнаа, невообичаено, при што прв нападна ИД, објавија израелските медиуми. Хезболах спорадично го напаѓа северот на Израел од Либан како поддршка на Хамас од Газа и со цел да ја „растегне“ израелската армија и да биде постојана закана од север.

Армијата соопшти дека го гранатирала јужниот дел на Либан со артилерија, очигледно за да спречи терористички ќелии да се приближат до областа и да извршат напади. Кратко време подоцна, од Либан беа истрелани неколку ракети и минофрлачи врз северните заедници Арап ал-Арамше и Барам, како и врз воената база Биранит. Во нападите нема повредени (според ИД), но базата Биранит претрпела голема материјална штета и пожар, покажуваат снимките. Како одговор на нападите, соопшти ИД, борбени авиони, вооружени хеликоптери и тенкови ги нападнаа позициите на Хезболах во јужен Либан.

Во одделен инцидент, ИД соопшти дека погодила ќелија на Хезболах која планирала да изврши противтенковски ракетен напад од либанското село Марвахин. Подоцна, Хезболах од Либан лансираше околу 25 ракети и три самоубиствени беспилотни летала на повеќе локации долж границата.

Сирените се огласиле во северните градови Кирјат Шмона, Манара и Маргалиот. Неколку ракети беа пресретнати од ракетниот одбранбен систем „Железен дом“, додека други паднаа на отворени области, соопшти ИД. ИД соопшти дека три беспилотни летала наполнети со експлозив погодиле позиција на ИД на границата. Нема информации за повредени во следните напади, а ИД соопшти дека одговорила со артилериско гранатирање на изворите на огнот. Хезболах ја презеде одговорноста за ракетните и минофрлачките напади извршени во текот на денот.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху минатата недела го предупреди Хезболах дека „си игра со оган“. „Има такви кои мислат дека можат да ги прошират своите напади врз нашите војници и цивили. Ова е играње со оган“, рече Нетанјаху, без конкретно да го спомене Хезболах. „На огнот ќе се одговори со многу посилен оган. Не смеат да не судат, бидејќи покажавме само мал дел од нашата моќ. Ќе им наштетиме на оние што ни штетат“.