Израел ја обвини Амнести Интернешнл за антисемитизам, откако организацијата рече дека сите страни во војната Израел-Хамас „сериозно го кршат меѓународното хуманитарно право и вршат воени злосторства“, објави во петокот Политико.

Амнести повика на прекин на огнот во четвртокот, а нејзиниот генерален секретар Агнес Каламар повика на „итна акција“ за заштита на цивилите и запирање на понатамошните „неверојатни нивоа на човечко страдање“.

Тврдењето дека „воените злосторства“ биле извршени од „сите страни“ вклучени во конфликтот наиде на жестока реакција од Израел.

Лиор Хајат, портпарол на израелското Министерство за надворешни работи, изјави за Политико дека Амнести интернешенел е „антисемитска организација“ која е пристрасна против Израел. Тој додаде дека нема „морален авторитет да се претстави како организација за човекови права“.

„Молкот по злосторствата извршени од терористите на Хамас на 7 октомври, кога беа убиени повеќе од 1.400 Израелци, вклучително и бебиња, деца, жени и постари лица, а повеќе од 220 луѓе беа однесени во Појасот Газа, служи само како показател дека Амнести интернешенел е пропагандна организација која работи за терористите на Хамас“, додаде тој.

Во соопштението на Амнести се наведува дека во досегашните израелски воздушни напади врз Газа се убиени повеќе од 6.500 Палестинци, меѓу кои 2.700 деца.