Многу медиуми пишуваат дека започнале жестоки израелски напади врз Газа.

Локалните медиуми јавуваат дека комуникациите во многу области на Појасот Газа се целосно блокирани поради новите израелски бомбардирања кои се без преседан, јавува Анадолија.

Каналот „Ал-Акса“ јавува дека израелската армија на невиден начин ги интензивира воздушните, морски и копнени бомбардирања на сите области на Газа.

Истиот извор наведува дека „сега се затворени сите телекомуникациски и интернет услуги во Газа“.

– Последните израелски воздушни напади ги уништија последните меѓународни кабли кои ја поврзуваат Газа со светот – пренесува каналот „Ал Акса“.

„Тајмс оф Газа“ објави дека израелските воени авиони ја извршиле најжестоката серија воздушни напади врз Појасот Газа од почетокот на агресијата и дека биле пријавени масовни жртви, а болничарите не биле во можност да работат поради силните израелски воздушни напади. Тие велат дека израелските бомбардирања продолжуваат интензивно, погодувајќи широки области низ Појасот Газа. Тие пишуваат и дека повеќе од 100 израелски воени авиони учествуваат во бомбардирањето на големи области на Појасот Газа во услови на целосен колапс на телекомуникациските услуги, „криејќи ги страшните злосторства извршени во мракот“.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Даниел Хагари објави дека израелските копнени сили вечерва ги „прошируваат своите копнени операции“, пренесува „Гардијан“.

Си-Ен-Ен објави дека видел голема серија експлозии во градот Газа и слушнал оган од тенкови, како и „невообичаена, интензивна и постојана“ воена активност во изминатите неколку часа. Жителите изјавија за Си-Ен-Ен дека ноќните воздушни напади биле најинтензивните што ги доживеале од почетокот на непријателствата пред речиси три недели.