Русија отсекогаш се залагала за спроведување на одлуката на Советот за безбедност на ОН за создавање независна палестинска држава, изјави рускиот претседател Владимир Путин на пленарната седница на Неделата на руската енергија.

„Ние секогаш го поддржувавме спроведувањето на одлуките на Советот за безбедност на ОН, пред се мислам на создавање независна палестинска држава. Неуспехот да се спроведе таа одлука е коренот на сите проблеми“, рече Путин. Тој исто така рече дека руската позиција за решението на палестинско-израелскиот конфликт не произлегува од последните трагични настани, туку е формирана во текот на изминатите децении. „И таа позиција и е добро позната на израелската страна и на нашите пријатели во Палестина“, додаде рускиот претседател, пренесе државната ТАСС.

Тој истакна дека палестинско-израелското прашање е придружено и отежнато со таканаречените „посреднички активности“ на голем број земји во последните години, што само ја усложнува ситуацијата. Според рускиот претседател, во многу земји, вклучувајќи го и Израел, денес има политички личности и експерти кои сметаат дека е неопходно да се оди по патот на создавање независна палестинска држава. „И во Израел има такви луѓе и ставови. Но, предност имаат оние кои со децении се обидуваат насилно да го решат овој проблем. За жал, тоа води до такви трагични настани какви што сме сведоци сега“, рече Путин.