Вашингтон ќе објави нова помош и поддршка за Израел во недела, најави американскиот државен секретар Антони Блинкен, додавајќи дека дел од мотивите на Хамас за последниот напад најверојатно ќе ја наруши потенцијалната нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, пренесува Ројтерс.
Соединетите држави ги забележаа извештаите за неколку Американци убиени во Израел, а Вашингтон сака да ги потврди деталите и бројките, додаде Блинкен во интервју за Си-Ен-Ен.
Тој исто така истакнал дека деталите за американската помош ќе бидат објавени подоцна, додека нападот врз Израел го опиша како „терористички напад на терористичка организација“.
„Ги проучуваме новите конкретни барања на Израелците. Мислам дека ќе знаете малку повеќе за тоа подоцна во текот на денот“, изјавил тој за CNN.
Блинкен потсети и дека во 2016 година поранешниот претседател Барак Обама потпиша договор со Израел „околу 3,8 милијарди долари воена помош годишно“.
Запрашан за можната намера на Хамас да поттикне непријателства за да ги попречат разговорите – поддржани од Вашингтон – со цел нормализирање на дипломатските односи меѓу Израел и Саудиска Арабија, Блинкен рече: „Тоа може да биде дел од мотивот. Видете, кој е против нормализацијата? Хамас, Хезболах, Иран. Така што тоа не би било изненадување“.
Бројот на загинати во Израел од почетокот на офанзивата на Хамас е повеќе од 600, а во Појасот Газа 370, соопштија властите. Покрај тоа, илјадници луѓе беа ранети.









