Соединетите Американски Држави протераа двајца претставници на руската амбасада откако Русија претходно протера двајца американски дипломати од американската амбасада во Москва, соопшти во петокот американскиот Стејт департмент.\

Како одговор на злонамерното протерување на двајца дипломати од американската амбасада во Москва од страна на Руската Федерација, Стејт департментот возврати со прогласување на двајца функционери од руската амбасада кои работат во САД за персона нон грата, изјави портпаролот на Стејт департментот.

– Стејт департментот нема да толерира модел на малтретирање на нашите дипломати од страна на руската влада – рече портпаролот, додавајќи дека „неприфатливите дејствија против персоналот на нашата амбасада во Москва ќе имаат последици“.

Руската новинска агенција РИА цитира неименуван извор од руското Министерство за надворешни работи, кој го потврди протерувањето, нарекувајќи го неосновано и велејќи дека Вашингтон го искористи протерувањето од Москва на 14 септември на двајца американски дипломати „фатени на дело во шпионски активности“ како изговор.

– Не сме заинтересирани за ескалација, но доколку продолжат ваквите непријателски дејствија, како и секогаш, ќе одговориме цврсто и решително – рекол изворот, а пренесува РИА.

На 14 септември Русија објави дека протерува двајца американски дипломати кои ги обвини дека работеле со руски државјанин обвинет за соработка со странска држава.

(Vijesti.ba / ФЕНА)