Властите на Саудиска Арабија го поканија проиранското движење Хути од Јемен на состанок во Ријад, за продолжување на преговорите за прекин на огнот и политичко решение на кризата во Јемен.

„Саудиска Арабија покани делегација од Сана да го посети Ријад за да ги продолжи разговорите за прекин на огнот и политичко решение“, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи, пренесува Анадолија.

Во соопштението се наведува дека Саудиска Арабија и Оман сакаат да продолжат со напорите за постигнување траен и сеопфатен прекин на огнот во Јемен и одржливо политичко решение прифатливо за сите јеменски страни.

Длабока политичка и безбедносна криза

Мохамед Али ал-Хути, член на Врховниот политички совет на движењето Хути, во изјава на социјалната мрежа Х рече дека делегација од Сана, под нивна контрола, го напуштила Јемен и се упатила кон Ријад на преговори.

Тоа ќе биде прва посета на делегација на движењето Хути на Саудиска Арабија од почетокот на војната во Јемен.

Јемен е сцена на длабока политичка и безбедносна криза веќе една деценија, која ескалира во 2014 година со војната меѓу проиранското движење Хути и силите лојални на јеменската влада.

Бунтовниците од движењето Хути контролираат значителен дел од Јемен, а владините сили во борбата против Хутите се поддржани од коалициските сили предводени од Саудиска Арабија.

Јемен е меѓу најсиромашните земји во светот и моментално е сцена на една од најтешките хуманитарни кризи на планетата.

(ТБТ)