Највисокиот суд во Франција ја потврди забраната за носење абаја, широк долг фустан што го носат некои муслиманки, во училиштата.
Државниот совет соопшти дека ја отфрлил жалбата на група за муслимански права против забраната на владата, која беше објавена минатиот месец.
Судот, сепак, изјави дека забраната не е дискриминаторска кон муслиманите.
– Забраната не го нарушува правото на почитување на приватниот живот, слободата на вероисповед, правото на образование – се наведува во одлуката на судот.
Одлуката на владата им забранува на учениците од јавните училишта видливо да носат знаци или облека што покажуваат приврзаност кон која било религија.
Винсент Бренгарт, адвокат на групата за муслимански права АДМ, поднесе жалба до Државниот совет кон крајот на август барајќи суспензија на забраната за абаја, за која рече дека прекршува „неколку основни слободи“.
Претходно оваа недела, министерот за образование Габриел Атал рече дека десетици муслимански ученички одбиле да ги отстранат своите абаи додека биле во училиштата.
– Новата учебна година започна во понеделник и покрај новото правило, 298 ученици дојдоа во училиштата во различни региони во земјата со абаја – рече тој.
Француската влада е на удар на критики за таргетирање на муслиманите со изјави и политики во последниве години, вклучително и рации во џамии и добротворни фондации и законот за „антисепаратизам“ кој поставува широки ограничувања на заедницата.








