Претседателот на Република Турција Репеп Таип Ердоган во вторникот, по средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Анкара, рече дека независна палестинска држава со главен град во Источен Ал-Кудс (Ерусалим) е клучот за мирот и стабилноста во целиот регион.
Ердоган денеска во Анкара со највисоки државни почести го пречека палестинскиот претседател Махмуд Абас, но по средбата зад затворени врати беше одржана заедничка прес-конференција. Ердоган подвлече како неговата земја ќе продолжи да ја дава сета поддршка на Палестина.
– Турција ќе продолжи да ја поддржува Палестина на најсилен можен начин и ќе даде се од себе за благосостојбата на Палестинците – рече Ердоган, додавајќи:
– Важно е меѓународната заедница, а особено Обединетите нации, да се вклучат во палестинската кауза.
Тој нагласи дека Турција не може да прифати акција насочена кон промена на историскиот статус кво на светите места, особено кога станува збор за џамијата Ал Акса.
Ердоган го повтори ставот на Турција за поддршка на независна палестинска држава.
– Формирањето независна палестинска држава со главен град источен Ал Кудс на границите од 1967 година, врз основа на параметрите на ОН, е клучно за мирот и стабилноста на целиот наш регион – рече Ердоган.
За време на своето обраќање, палестинскиот претседател Махмуд Абас му се заблагодари на претседателот Ердоган, турската држава и турската нација за поддршката на палестинската борба.
– Турската поддршка за независноста на палестинската нација, дадена од бранителот на Ал Кудс, ни е многу важна – рече Абас.










