
Драги и почитувани мои!
Денешново обраќање го почнувам со генијалната изјава на фантастичниот политичар г.Ненад Чанак од Војводина која сеуште е во состав на Р.Србија, до кога – не знаеме. Овој извонредно позитивен лик веќе трета деценија по ред ги учи северните ни соседи како од национализам, шовинизам и дискриминација нема никаква добрина. Дури и една од поубавите појави во тамошните медиуми, водителка на една утринска програма, која изгледа онака современо и европски, ја подучи дека и таа самата е еден обичен шовинист кој беспоштедно си ја брани својата духовна институција на штета на нехристијаните иако ни самата нема појма зошто има таков став!? Човеков убаво и кажа: ПОГИНУТИ ЗА НЕШТО О ЧЕМУ НЕ ЗНАШ НИШТА! Едноставно е, поинаквиот треба да се мрази и да се работи на негова пропаст па и да загинеме поради тоа не е важно бидејќи целта е да не знаеш зошто си идиот и кретен.
Нешто слично видовме и завчера кај нас во една ТВ емисија каде што еден од гостите постојано повторуваше или пак држеше говор на омраза и повик на линч кон еден немакедонски етникум и никој не го санкционира таквиот идиотски настап на дотичниот шизофрен кој во слободно време истовремено удира по се што има исламски предзнак во Македонијава ни. И овој лик е изгледа подготвен да ‘загине’ но не како дотичната српска новинарка од незнаење, туку тој добро знае и свесен е дека неговата идеја во себе носи призма на нацизам и фашизам со кој се цели интелектуално и физичко анулирање на било кој народ или нација освен народот на кој што тој му припаѓа. Кога овој клинички случај би го превеле на македонски, отприлика вака би изгледало – ќе убиваме поинакви од нас и никој ништо не ни може!! Ужас.
Но немојте да мислите дека ваквите идиотизми ги има само кај нас на Балканот, не никако! Европа кон која се стремиме е исто така полна со такви манијаци кои многу лесно атакуваат на човечки живот без око да им трепне! За жал, тоа е гола вистина. Па зарем она што деновиве се случува во Франција не ни е доволен доказ за тоа? Во манир на каубојски филм полицаец ладнокрвно убива малолетник без око да му трепне! Добро де, можеби му трепна окото додека му го одзеде животот на младиот човек со алжирско потекло ама тоа не се виде бидејќи на главата имаше кацига.
Франција гори! Гледаме призори на вистинска војна. Украина ли е, Франција ли е?! 1.500 уапсени малолетници под 16 години кои не можат да одговараат кривично но затоа нивните родители ќе бидат законски гонети од причина што своите деца не ги воспитале како треба?! Страшно. Такви сценарија секојдневно сведочиме во една источна земја каде што поради даден отпор на окупациона војска цели семејства се осудени на пропаст, прогон и насилно одземање на сите материјални добра бидејќи малолетниот син пружил отпор на доселеничко насилие подржано од војска и полиција!
За крај и малку политичка географија. Во градот Зонеберг, Источна Германија, по неодамнешните локални избори на власт дојде Роберт Зеселман, докажан национал-фашист кој јавно го промовира воскреснувањето на ликот и делото на Адолф Хитлер. Зеселман во континуитет последниве 8 години јавно повикува на линч и протерување на се со исламски предзнак а пред се бара прогон на муслиманските емигранти кои доаѓаат од земјите зафатени со граѓански војни од Блискиот Исток и Африка. Во овој град се шири пропаганда како после 17:00 никој не смее да шета по улиците бидејќи емигрантите јадат деца, жени и немоќни стари лица токму во тоа време. Ајде мајката!
За жал, ваквите се погласни политики не ни носат ништо добро на нас домицилните жители на Стариот Континент. Демократската идеја за еднаквост на сите, извонредно хуманата идеја за единствена Европа во која нема да има супериорни и робови, тивко но сигурно како до оди во историјата. Се чини дека Старата Дама страда од реума на коските и полека почнува со вкопување в место. Таквата лоша здравствена состојба на Старицата ќе предизвика тектонски пореметувања на тлото за кое подоцна сите ќе се грабаат заборавајќи на било какви етички кодекси. Тоа се нарекува радикален национал-шовинизам за кој веќе видовме колку болки и чемери му предизвика на човештвото во Втората Светска Војна.
Да се надеваме дека Европа нема повторно самата себеси да си ископа гроб… За доброто на сите нас.









