Демонстрантите во четвртокот го пробија периметарот на шведската амбасада во Багдад, еден ден откако демонстрант запали копија од Куранот во Шведска.

Протестите во главниот град на Ирак ги нареди моќниот ирачки шиитски лидер Муктада ал Садр, кој исто така повика на протерување на шведскиот амбасадор во Багдад.

Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат како некои демонстранти се качуваат преку забарикадираниот ѕид пред амбасадата. Не е јасно колку длабоко влегле во зградата пред да се повлечат.

ведска рече дека нејзиниот персонал е безбеден. „Добро сме информирани за ситуацијата. Персоналот на нашата амбасада е безбеден и Министерството за надворешни работи е во редовен контакт со нив“, изјавија за Си-Ен-Ен од прес-службата на шведското Министерство за надворешни работи.

Извор од ирачките безбедносни сили потврди за Си-Ен-Ен дека инцидентот е завршен. Новинската агенција АФП објави дека демонстрантите биле внатре во комплексот околу 15 минути.

Протестите во Багдад уследија по инцидентот во средата во шведскиот главен град Стокхолм, кога маж запали примерок од светата книга на исламот пред џамија. Сликите од настанот покажаа дека тој е единственото лице освен неговиот преведувач на демонстрациите, кои се совпаднаа со муслиманскиот празник Курбан Бајрам, еден од најважните во исламскиот календар.

Ал Садр побара од властите да му го одземат ирачкото државјанство на Салван Момика – организаторот на протестот за палење на Куранот во Стокхолм – кој емигрираше од Ирак во Шведска пред пет години.

„Ако на Ирак и на светот му се гарантира слободата на говорот, тогаш верниците мора да ги изразат своите ставови за палењето на светите книги – преку масовни гневни протести против шведската амбасада во Ирак“, изјави Ал Садр.