Автор: Хусеин еф. Адеми
Автор: Хусеин Адеми

Во нашава напатена и јадна држава има светлина драги мои! Да, да! Ова ви го тврдам најодговорно и најсериозно иако и самиот доста често гледам гола темнина но што да се прави, од песимизам никој не видел добрина.

Па еве да ви кажам директно. Скопската чаршија, онака демек надалеку позната, деновиве е преполна со разни лица и појави, за нас таканаречени туристи. Луѓе од секаде по светот дојдени овде кај нас за да уживаат во оние ситни нешта кои ние воопшто не ги забележуваме бидејќи веќе сме се навикнале на оваа наша секојдневна монотонија и само некоја голема и плус позитивна случка може да ни го насочи расположението кон подобро.

Тоа значи дека или сме ептен разочарани и се наоѓаме во тешка и блесава депресија или едноставно сме си господа па немаме време за некои ситни трачарии кои не ни носат ниту леб, а ниту вода и затоа не ни се интересни.

Сепак, шареноликата глетка на разни национални и расни колорити кои парадираат низ улиците на големото село наречено Скопје е убава вест која носи добро расположение во блиска иднина од причина што ние овдешните неандрталци конечно почнавме да се навикнуваме, не само едни на други, туку почнавме да веруваме дека освен нас овдешните ‘цивилизирани’ на оваа планета постојат и други ‘вонземјани’.

Одненадеж сите некако станавме пољубезни и посоработливи и како да исчезна онаа политички активирана каурско-шиптарска тензија меѓу нас и конечно доживеавме вистинско откровение откривајќи го она што можеби постои милиони години наназад а тоа е човекот црн, бел, црвен или жолт.

Да нагласам дека деновиве во Скопјето ни во гости ни беше еден почитуван ефендија од С.Арабија, истерувач на џини т.е. ‘зли духови’. Тој на своето предавање нагласи дека состојбата во државата ни е сменета кон подобро бидејќи пред триесет години овде имал многу работа а сега многу малку! Тоа е од причина што тогаш имало многу повеќе суеверие и незнаење отколку денес, што е за секаква пофалба, иако јас лично сум убеден дека сеансата на истерување на зли духови со нашата политичка елита би траела многу долго а тој можеби тука и би се пензионирал поради зачестените случаи на корумпирана обземеност и политичка забеганост на штета на народот.

Исто така како доказ дека ефендијата требаше да остане некој ден подолго се некаквите паради каде што некои бисери се гордееја поради начинот на кој си ги доживуваат телесните страсти што е во спротивност со она човечкото што Бог ни го дал на сите нас, машки или женски.

Како и да е, Скопје има голем потенцијал, ваков или онаков, но важен е фактот дека ние вака заспиени и неосвестени и понатаму верно и беспоговорно ќе и служиме на својата глупост наречена несамопочит бидејќи и понатаму остануваме слепи и неми за големите случки околу нас. Ех, што да се прави па и да слушаме и гледаме!? Демек ќе ни беше поинаку!? Ајде барем национализмот почна да стивнува и луѓето почнаа љубезно да се однесуваат едни со други.

Севишниот рекол: „Најблагородниот кај Бога е тој што најповеќе Го почитува.“ (Куран,49/13)

Хусеин еф.Адеми