Тригодишното палестинско момче кое беше застрелано од израелските сили на Западниот Брег минатата недела, почина од повредите.

Мохамед ал Тамими беше застрелан во главата минатиот четврток во близина на неговото село Неби Салех додека се возел во автомобил со својот татко. Тој бил пренесен со хеликоптер во израелската болница Шеба, која подоцна ја објавила смртта на момчето.

Израелската армија соопшти дека отворила оган откако вооружени лица пукале врз израелска стражарска станица во блиската еврејска населба. Хајтам ал-Тамими, таткото на момчето, изјави за Асошиетед прес дека штотуку го ставил својот син во автомобилот и отишол да го посетат својот вујко кога куршумот го погодил момчето.

Израелската армија отвори истрага за инцидентот. Сепак, групите за човекови права велат дека ваквите истраги ретко водат до кривично гонење или дисциплинска постапка против војниците. Инаку, борбите се интензивираа на Западниот Брег и Источен Ерусалим откако новата израелска крајнодесничарска влада стапи на должност кон крајот на декември.

Околу 120 Палестинци се убиени во двете области оваа година, а речиси половина од нив се членови на вооружени милитантни групи. Меѓу убиените има млади Палестинци кои фрлаа камења врз израелските безбедносни сили. Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим, заедно со Појасот Газа, во Блискоисточната војна во 1967 година. Палестинците сакаат да ги вклучат овие територии во идната држава.

(Vijesti.ba)