Шефот на НАТО Јенс Столтенберг во вторникот најави распоредување на дополнителни 700 војници во Косово поради тензиите таму.
– Алијансата ќе стави баталјон од резервните сили во зголемена готовност за да може и тој да биде распореден доколку е потребно – изјави Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција заедно со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Столтенберг повика дека нападите на Косово „мора да престанат“, а неговите изјави дојдоа откако во вчерашните судири беа повредени најмалку 30 војници на НАТО.
Единаесет италијански и 19 унгарски војници од мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР) се здобија со повеќе повреди, вклучително и скршеници и изгореници од импровизирани експлозивни запаливи направи.
Тројца унгарски војници исто така се ранети од огнено оружје, но нивните повреди не се опасни по живот, соопшти во вторникот КФОР.
Исто така, повеќе од 53 цивили се повредени со шок бомби и солзавец, според болнички извори.









