Голем број светски лидери му честитаа на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод победата во вториот круг од претседателските избори во Турција.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му честиташе на Ердоган за неговата „несомнена победа на изборите“.

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев во телефонски разговор му честиташе на турскиот претседател Ердоган за реизборот и го покани да го посети Баку.

Емирот на Катар Тамим бин Хамад Ал Тани соопшти дека му честитал на Ердоган за победата во вториот круг од изборите и му посакал успех во новиот мандат.

Либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибех рече дека „изборната победа“ на турскиот претседател Ердоган ја покажува обновата на довербата на луѓето во неговите успешни проекти и политики.

Ердоган доби честитки и од лидерите на Пакистан, Србија, Сомалија и други земји и региони.

Поддржувачите на Ердоган веќе излегоа на улиците и почнаа да слават низ Турција.

Претседателот на Врховната изборна комисија на Република Турција, Ахмет Јенер, соопшти дека по денешниот втор круг од претседателските избори во таа земја се преброени 75,42 отсто од гласовите и дека актуелниот претседател и кандидат на Народната алијанса, Реџеп Таип Ердоган , е во водство.

Јенер рече дека Ердоган во моментов води со 53,41 отсто од гласовите, пред неговиот ривал и кандидат на опозициската Национална алијанса Кемал Киличдароглу, кој освои 46,59 отсто од гласовите.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Турција со право на глас во вториот круг избраа меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народната алијанса и кандидатот на опозициската Национална алијанса, Кемал Киличдароглу.

Народната алијанса на Ердоган предводена од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) освои мнозинство во државниот парламент во првиот круг.