Халил Јилмаз (48), кој го преживеа разорниот земјотрес што ја погоди Турција на почетокот на февруари, откри дека бил прогласен за мртов кога се обидел да пристапи до владината веб-страница.

Во евиденцијата е наведен како „погинат во земјотрес“, а се обратил до Управата за население и обвинителството за да докаже дека е жив.

– Не можам да си ја платам премијата за социјално осигурување или да одам во болница на лекарски прегледи. Не можам да правам никакви трансакции во владините канцеларии – рече Јилмаз, кој е жител на Османије, една од јужните провинции погодена од два земјотреси на 6 февруари.

Тој рече дека Управата за вонредни ситуации на Турција (АФАД) уплатила 100.000 турски лири (5.000 американски долари) на банкарската сметка на неговата сопруга како дел од компензацијата на владата за жртвите од земјотресот.

– Семејството ја врати уплатата – рече Јилмаз.

Сега чека да завршат процедурите и повторно да биде „жив“ на хартија.

– Се надевам дека ќе можам што поскоро да се вратам на мојот нормален живот – изјави Јилмаз.

На 6 февруари Кахраманмарас беше епицентарот на двата земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала што погодија 11 турски провинции.

Околу 14 милиони луѓе во Турција беа погодени од тие земјотреси, како и многу други во северна Сирија.